Украинската противвоздушна одбрана синоќа соборила околу 10 руски беспилотни летала „Шахед“ над Киев и на приодите кон градот, соопштија градските власти. Русија втор ден по ред го нападна Киев со дронови, пренесува Интерфакс Украина. Беспилотните летала беа лансирани во повеќе бранови и од различни правци, па воздушната опасност во Киев беше најавувана неколку пати, се наведува во соопштението. Според досегашните информации нема повредени ниту поголема материјална штета.
Во текот на ноќта, Русија изврши голем напад со беспилотни летала врз Украина, погодувајќи инфраструктурни објекти на југот и северот на земјата, соопшти утрово украинската армија.
Украинската противвоздушна одбрана собори 29 од 38 беспилотни летала Шахед од иранско производство, лансирани од територијата на Русија, објави Военото воздухопловство.
Воздухопловните сили велат дека нападот врз многу украински региони траел од 20 часот во петокот до 4 часот наутро во саботата по локално време.
Јужната воена команда објави дека е погоден објект на енергетска инфраструктура во регионот на Одеса. Оштетена е и административната зграда, а во нападот е ранет и еден цивил, се вели во соопштението на апликацијата за пораки Телеграм.
Во северниот украински регион Чернихив, на границата со Русија и Белорусија, во ноќниот напад беа оштетени две инфраструктурни згради, соопшти армијата.
Мета на беспилотните летала беше и Киев, соопштија официјални лица, додавајќи дека сите беспилотни летала тргнале кон главниот град биле соборени.