Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром со нов триумф го завршија настапот на турнирот од АБА2 лигата на Златибор, откако денес го совладаа Борац Бања Лука со 67:61.
Ова беше трета победа за аеродромци во петтиот меч сезонава во регионалното натпреварување.
МЗТ Скопје ја имаше контролата врз играта и резултатот во сите 40 минути, а клучната предност ја обезбедија во третиот период, кој го добија со 30:17. Клучна за триумфот беше серијата од 16:0 со која македонскиот шампион дојде до највисоките на мечот плус 19 (47:28).
Војдан Стојановски одново беше најпрецизен кај МЗТ Скопје со 15 поени и пет асистенции, додека веднаш зад него беа Душан Танасковиќ со 14 поени и пет скока, Дамјан Стојановски со 11 поени и седум скока и Ејасу Ворку со 10 поени и 10 скока.
Составот од Аеродром сега има скор 3:2 во пресрет на третиот турнир следниот месец во Шибеник, каде што ќе ги одмери силите со Подгорица односно Спартак Суботица.