Неколку жртви се пријавени по пукање на контролен пункт во Ерусалим, пренесоа странските новински агенции, повикувајќи се на израелските полициски сили.
„Како резултат на пукањето, неколку лица се ранети на местото на настанот“, изјавија од полицијата за Sky News, додавајќи дека осомничениот е „неутрализиран“.
Израелските служби за итни случаи изјавија за Ројтерс дека тројца осомничени палестински напаѓачи отвориле оган на контролен пункт на главниот пат меѓу Ерусалим и Витлеем.
Безбедносните сили отвориле оган врз напаѓачите, соопшти полицијата за оваа новинска агенција.
„Безбедносните сили стационирани на преминот ги неутрализираа тројцата терористи. Ова се случи откако пристигнаа со сомнително возило и отворија оган врз нашите сили“, соопшти израелската полиција.
Израелската служба за итни случаи соопшти дека едно лице е тешко рането.
Палестинските власти се уште не го коментирале инцидентот.