Американската актерка Џенифер Анистон вчера се огласи по повод неодамнешната смрт на нејзиниот пријател и колега од серијата „Пријатели“ Метју Пери, велејќи дека неговата смрт длабоко ја потресла.
„Ова длабоко ме потресе… Збогувањето со нашиот Мети беше како луд бран на емоции каков што досега не сум доживеала, напиша Анистон на Инстаграм.
Таа истакнала дека сите во одреден момент од животот доживуваат загуба – „загуба на нечиј живот или губење на љубовта“.
– Кога навистина ќе ве погоди таква тага, чувствувате и моменти на радост и благодарност што сте сакале некого толку длабоко. И ние го сакавме длабоко. Тоа беше дел од нашата ДНК. Секогаш бевме шестмина. Ова беше избрано семејство кое засекогаш го смени правецот на тоа кои бевме и каков ќе биде нашиот пат – изјавила Анистон.
Таа истакнала дека Метју Пери секогаш сакал да ги засмева луѓето.
– Како што кажа и самиот, ако не слушне смеа, мислеше дека ќе умре. Неговиот живот буквално зависеше од тоа. И ова момче успеа во тоа. Сите нè насмеваше. И многу се смеевме. Си пишувавме пораки во последните неколку недели. Смеење и плачење, па повторно смеење. Ќе ги чувам засекогаш – напишала Анистон.
Таа објави и слика од порака со Метју Пери „која ми ја испрати тукутака еден ден“.
– Мети, многу те сакам и знам дека сега си целосно смирен и дека не те боли. Разговарам со тебе секој ден. Понекогаш речиси можам да те слушнам како велиш „дали можеш да бидеш полуда?“ Почивај братче. Секогаш ми го разубавуваше денот – заклучила Џенифер Анистон.
Метју Пери почина на 28 октомври на 54-годишна возраст. Тој е пронајден мртов во својот дом во Лос Анџелес, а причината за смртта останува непозната.
На почетокот на ноември тој беше погребан на гробиштата Форест Лон во близина на Лос Анџелес, каде почиваат многу филмски ѕвезди, а се наоѓа во близина на студиото на „Ворнер Брос“, каде што се снимаше „Пријатели“.
Покрај семејството и најблиските пријатели, на погребот присуствуваа и колегите на Метју од „Пријатели“ Лиза Кудроу, Кортни Кокс, Дејвид Швимер, Мет Лебланк и Џенифер Анистон.