More

    „Власта е свесна дека ќе доживее цунами на претстојните парламентарни и претседателски избори, па сега само бара начини и прави математики како да го ублажи поразот“

    spot_img

    „Власта е свесна дека ќе доживее цунами на претстојните парламентарни и претседателски избори, па сега само бара начини и прави математики како да го ублажи поразот“.

    Вака политичкиот аналитичар Синиша Пекевски ја толкува упорноста на СДСМ во инсистирањето да се одржат изборите во различен ден, иако постои реална можност вториот круг на претседателските избори да се одржи заедно со парламентарните избори, а со тоа државата би заштедела големи пари.

    Тој вели дека разликата помеѓу одвоени и споени избори изнесува од 5 до 6 пратеници во редовите на СДСМ.

    – Зад „инаетот“ на СДСМ да не се одржат изборите во ист ден стои само желбата оваа партија да не доживее изборен дебакл. Сопартијците на Димитар Ковачевски секако ќе доживеат цунами, но најверојатно се надеваат дека со помош на ДУИ и на странските фактори ќе изберат претседател на државата, па со таков ветер во грбот да успеат да го намалат поразот што ги очекува на парламентарните избори. Со оглед на непишаното правило дека гласачите сакаат секогаш да се приклонуваат кон победниците, актуелната власт сигурно си мисли дека со евентуална победа на претседателските избори ќе ги привлече граѓаните да гласаат за нив и на парламентарните избори. Значи, станува збор за класична стратегија на СДСМ во пресрет на изборите. Нивните мерења покажуваат дебакл, односно дека на парламентарните избори ќе освојат помалку од 20 пратеници. Тие се спремни буквално на сѐ за да остварат колку-толку подобар резултат. Според моите анализи, разликата од одвоени и споени избори може да биде од 5 до 6 пратеници на штета или во корист на СДСМ. Секако, ВМРО-ДПМНЕ ќе има над 60 пратеници, па тоа нема да им смени многу на социјалдемократите, иако не е исто да се има 20 и 26 пратеници – објаснува Пекевски.

    Ако се одржат изборите одвоено, тогаш граѓаните ќе треба да излезат на гласање три пати за многу кратко време, а тоа може да предизвика револт и помала излезност.

    Димитар ХристовПолитиколог

    Политикологот Димитар Христов во разговор за Плусинфо вели дека одржувањето на претседателските и на парламентарните на ист ден е најекономично решение.

    – Се заштедуваат големи пари, но и енергија. Исто така, спроведувањето на изборите во ист ден ќе биде и доста поволно за граѓаните, бидејќи во период од 14 дена би гласале само два пати, вклучувајќи го и вториот круг на претседателските избори. Од друга страна, ако се одржат изборите одвоено, тогаш граѓаните ќе треба да излезат на гласање три пати за многу кратко време, а тоа може да предизвика револт и помала излезност. Уште една позитивна работа во одржувањето на изборите во ист ден е тоа што политичката кампања би траела пократко, па нема да мора долго време да ги гледаме партиските телевизиски спотови – објаснува Христов.

    Тоа што СДСМ не сака избори на ист ден, додава тој, е поради тоа што во партијата на Димитар Ковачевски се свесни дека ќе доживеат тежок пораз.

    – Сепак, постои и можност или калкулација, односно „пазарење“ со гласови за формирање влада со некоја од партиите од албанскиот блок за сметка на гласање за нивниот кандидат на претседателските избори. Дали очекуваат некакво пазарење во предизборни или постизборни коалиции, најдобро си знаат во таборот на СДСМ. Сепак, сето ова се обиди на партијата што е можно подолго време да го пролонгира периодот на власт – вели Христов.

    Партијата на Павле Трајанов, Демократски сојуз, пак, денеска порача дека без разлика на инсистирањето на СДСМ, Собранието има мнозинство пратеници кои можат да донесат одлука за распуштање на Парламентот, со што ќе се создадат услови за одржување на вториот круг претседателски и парламентарни избори во ист ден.

    „Од 13 март 2024 година почнуваат уставните и законските рокови за одржување претседателски избори, при што парламентарните партии кои можат да формираат мнозинство за распуштање на Парламентот треба да го утврдат изборниот тајминг“, соопшти Демократски сојуз.

    Интересна изјава имаше министерот за надворешни работи и актуелен портпарол на ДУИ, Бујар Османи, кој посочи дека во ДУИ преовладува мислењето за одржување парламентарни избори истовремено со претседателските, поради логистички, финансиски и административни причини.

    Лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски, пак, вчера на прес-конференција рече дека неговата партија ќе излезе со свој став во однос на тајмингот и моделот за изборите.

    – Во однос на изборите, на тајмингот и во однос на моделот, дали одвоени или заеднички, тоа ќе биде одлучено на заедничка средба меѓу сите политички партии што учествуваат во овој изборен циклус. Различни партии имаат различно гледање во однос на законските обврски во однос на трошоците кои произлегуваат, но сметам дека пред нас имаме доволно време за да договориме сѐ како што е потребно за Македонија да го продолжи својот пат кон градење на исклучително ниво на демократско општество – рече Ковачевски.

    Во буџетот за следната година се планирани пари и за двата изборни циклуса кои треба да се случат во 2024 година, а кои вкупно би чинеле над 16 милиони евра. Ако изборите се одржат во ист ден, тогаш државата би заштедила околу 8,2 милиони евра.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img