Најмалку 30 лица загинаа, а десетици други се повредени во сообраќајна несреќа кога автобус падна од карпа во индиската провинција Кашмир, соопштија локалните власти.
Автобусот се движел кон градот Кишвар кога излетал од патот и паднал 200 метри на друг постар пат. Локалните жители и спасувачките екипи веднаш излегле на местото на настанот и во тек е спасувачка операција.
Официјални лица рекоа дека сите повредени се префрлени во блиските болници, вклучително и десет кои се во критична состојба.
Причината за несреќата се уште не е позната.
Индија има една од највисоките стапки на смртност на патиштата во светот, со стотици илјади загинати и повредени годишно. Несовесното возење, лошо одржуваните патишта и старите возила се виновни за повеќето несреќи.