Изложеноста на инсектициди е поврзана со пониски концентрации на сперматозоиди кај возрасни мажи ширум светот, според новата анализа на 25 студии кои опфаќаат речиси 50 години. Тим истражувачи од Италија и САД тврдат дека тоа е најтемелната систематска анализа на темата досега.
„Разбирањето како инсектицидите влијаат на концентрацијата на спермата кај луѓето е критично со оглед на нивната распространетост во околината и документираните ризици за сексуалното здравје“, вели Лорен Елис, научник од Универзитетот Нортистон.
Тој забележува дека луѓето првенствено се изложени на инсектициди преку конзумирање на контаминирана храна и вода.
Елис и неговите колеги анализирале податоци од 1.774 возрасни мажи на четири континенти (Азија, Северна Америка, Јужна Америка и Европа) во 21 популација кои биле изложени на органофосфати и N-метил карбамати, пишува Science Alert.
„Без разлика како го гледате, постоеше конзистентна поврзаност помеѓу зголемената изложеност на инсектициди и намалената концентрација на сперма“, објаснува Мелиса Пери, епидемиолог и микробиолог на Универзитетот Џорџ Мејсон.
Постојат и други важни фактори кои можат да влијаат на плодноста. Загадувањето на воздухот е поврзано со намаленото производство на сперма и кај луѓето и кај животните.
Неодамнешните истражувања на глувци сугерираат дека загадувањето промовира губење на производството на сперма преку воспалителни процеси во нивниот мозок.
Кога станува збор за органофосфатите, тимот препорачува дополнително истражување особено за глифосат, бидејќи неговите невротоксични ефекти се проучувани, но се чини дека недостасуваат податоци за неговиот ефект врз производството на сперма. Исто така, постојат ограничени истражувања за N-метил карбаматите, но резултатите сепак покажуваат јасна поврзаност.
„Достапните докази достигнаа точка каде што треба да преземеме регулаторни мерки за да ја намалиме изложеноста на инсектициди“, вели Пери.