Телото на 71-годишниот планинар кој исчезна во август е пронајдено во планините во јужниот дел на Колорадо. Спасувачите наведуваат дека покрај телото било неговото верно куче, кое успеало да преживее во дивината.
На 19 август, Рич Мур со својот териер Фини тргнал кон врвот Блекхед Пик (3800 метри) и повеќе не се вратил. Десет недели подоцна, на 30 октомври, ловец го нашол неговото тело. Тие се наоѓале на неколку километри источно од врвот на планината. До телото на настраданиот планинар било неговото куче.
– Кучето беше многу слабо, изгубило околу половина од својата тежина. Тоа покажува колку било лојално кон неговиот сопственик – изјави за Си-Ен-Ен Делинда Ван-Брајтин, која беше вклучена во потрагата по планинарот.
Тренерот на кучиња Расел Хартштајн вели дека ваквата лојалност на кучето кон својот сопственик не е невообичаена.
– Тие често можат да бидат лојални до смрт – изјави Хартштајн за Си-Ен-Ен.