Лидерот на Граѓанското движење УРА и поранешен премиер на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, изјави дека е свесен „дека неговиот живот е во опасност“, бидејќи додека бил дел од извршната власт се занимавал со организиран криминал и дека во државниот затвор во Спуз „неговото име најчесто е цел како најголем проблем на криминалците“.
Абазовиќ за денешното издание на весникот Нова изјави дека за него на таков начин зборуваат луѓе „кои имаат повеќе пари отколку што има моментално во државната каса на Црна Гора“, и дека е убеден дека ќе „сакаат некаков реваншизам “, но дека тоа „не предизвикува некој посебен страв“ кај него.
Тој рече дека бидејќи повеќе не е на премиерската позиција „има одредени мерки за заштита“.
„Мислам дека инфилтрацијата на организираниот криминал во новите политички структури постои и дека овие луѓе сигурно нема да се предадат. Имаат многу повеќе пари отколку што ние во моментов имаме во државната каса на Црна Гора. Тие луѓе дефинитивно ќе сакаат некаков реваншизам и враќање на нивните позиции. Многу ќе зависи од новите власти и нивната решеност да ги спречат“, рече Абазовиќ.
Тој додаде дека верува оти во Црна Гора „солидно е поставена инфраструктурата за дополнително да ги десеткува (организираниот криминал)“, но дека тоа „ќе зависи од политичката волја“.