Владата донесе Одлука за основање национална установа „Спомен куќа на Мустафа Кемал Ататурк“ – Коџаџик, Центар Жупа.
Целта на одлуката е истражување, собирање, средување, стручно и научно обработување, проучување, заштита, чување, објавување и презентирање на историско етнолошки предмети поврзани со животот и делото на Мустафа Кемал Ататурк, како и на други етнолошки и историски предмети од значење за Република Северна Македонија.
Предлогот е на Министерството за култура.
Мустафа Кемал Ататурк (1881-1938) бил турски офицер, револуционер и државник, основач на Турската Република и нејзин прв претседател.
Кемал Ататурк станал познат како мошне способен воен офицер за време на Првата светска војна. По поразот на Отоманското Царство, тој го предводел турското национално движење во турската војна за независност. Со основањето на привремената влада во Анкара, тој ги поразил силите на Сојузот. Неговото успешно и мудро предводење на војската и воените битки довело до ослободување на државата и основање на Турција.
За време на неговиот претседателски мандат Кемал Ататурк остварил економски, политички, културни и социјални реформи во државата. Тој успеал старото Отоманско Царство да го трансформира во современа демократска и секуларна држава. Сите промени што ги извршил Ататурк и неговите идеали се наречени со еден заеднички поим — кемализам.