Во буџетот за 2024 година не е предвидено зголемување на платите на функционерите, истакна денеска министерот за финансии Фатмир Бесими, а во изборниот процес ќе нема ниту нови вработувања во јавниот сектор.
Одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција на која беше промовиран буџетот за идната година, тој нагласи дека не е предвидено раст на платите на функционерите во март наредната година според проекциите на овој буџет.
Во однос на проектираните средства за јавната администрација, тој посочи дека наредната е изборна година и согласно Законот за спречување корупција, за време на кампања, односно откако ќе се објават изборите, не може да почне ниту една нова постапка за вработување, а се прекинуваат и веќе почнатите.
– Ќе има еден период кога нема да има вработувања во текот на наредната година. Ние оваа година во однос на 2022 имаме намалено 1.500 вработени во јавниот сектор и тоа 1.000 на централно и 500 во регионални институции во државата. Лани кажавме дека при фискалната консолидација ќе се пополнат испразнетите места. Таму каде што имаше потреба се пополнува целосно и тоа е резултат на таа политика што минатата година беше презентиран. Во одредени институции се користеа трансфери од една во друга институција – појасни Бесими.