Европскиот суд за човекови права во Стразбур утврдил дека на поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески незаконски му бил продолжуван домашниот притвор, дознава Плусинфо.
„Судот смета дека постои повреда на правото на слобода на Миле Јанакиески (член 5. став 3. од ЕКСП) поради непостоење на доволни причини за негово лишување од слобода“, се вели во пресудата на ЕСЧП.
Јанакиески речиси пет години беше во домашен и во затворски притвор, кој го издржуваше во Истражниот затвор „Скопје“ во Шутка. Притворите му беа изречени за предметите „27. април“ и „Шпански скали“. Европскиот суд донесе заклучок дека има повреда на два членови кои се однесуваат на човековите права. Имено, судот утврдил дека не постоеле доволно причини за лишувањето од слобода, а исто така ненавремено биле разгледувани жалбите поднесени на одлуките за продолжување на притворите.
Европскиот суд, според извори на Плусинфо одредил и отштета за Јанакиески од 3.900 евра.
Поранешниот министер Јанакиески беше во притвор поради тоа што обвинителите бараа, а судовите одобруваа мерки на претпазливост, поради можноста за бегство и влијание врз истрагата. Одбраната на Јанакиески поднесуваше повеќе жалби на овие одлуки, но тие редовно беа одбивани.