Десетти месец по ред Светската организација за храна на месечно и на годишно ниво регистрира пад на цените на храната, на годишно ниво најголем кај млечните производи и маслото за јадење, пишува Порталб.мк. Дома октомвриската инфлација на годишно ниво изнесува 3,5% , една од најниските стапки во изминатиот период. Што очекуваат економистите, дали ценовниот притисок ќе “попушти”.
Во октомври забележан е нов пад на цените на основните прехранбени производи на светските пазари. Светската Организација за храна ги објавни новите податоци кои покажуваат пад кај сите основни прехранбени производи, и на месечно и на годишно ниво. Конкретно индексот на цените на основните прехранбени призводи во октомври изнесувал 20,6% што претставува пад 0,5% во однос на септември и 10,8% во однос на истиот месец лани.
Индекс на цени на храна октомври 2023/22
Основни прехранбени производи -10,8%
Цени на месо -3,4%
Цени на житарки -17,9%
Цени на растително масло -20,7%
Цени на млечни производи -20,1%
Цени на шеќер -2.2%
Извор : ФАО
Податоците покажуваат дека во октомври годинава во споредба со истиот месец лани најголем пад на цените има кај млечните производи за 20,1% и кај маслото за јадење за 20,7%. Но за значителни скоро 18% е намалена и цената на житарките. Не само на годишно, цените се намалени и на месечно ниво, па така во однос на септември, цената на житарките е намалена за 1%, на маслото за 0,7% на млечните производи за 2,2%, на месото за 3,4% а на шеќерот за 2,2%.
„Во октомври, меѓународните цени на свинското месо паднаа трет последователен месец. Спротивно на тоа, светските цени на месото од живина благо закрепнаа. Меѓународните цени на говедско и овчо месо, исто така, маргинално се зголемија” се наведува во октомвриската анализа на ФАО.
Според најновите ревидирани прогнози на НБМ овој тренд на пад на цените во светски рамки се очекува да продолжи.
„Се очекува дека глобалната инфлација и натаму ќе се намалува, односно ќе забави сведувајќи се на 6,9% во 2023 година, па на 5,8% во 2024 и 4,6% во 2025 година” – соопштија од НБМ.
Дали овој тренд на пад на цените на светските пазари соодветно се прелеа и кај нас? Во октомври во споредба со истиот месец лани вкупната инфлација изнесувала 3,5% додека само кај храната ( освен основни прехранбени производи вклучени се и кафе, безалкохолни пијалаци, чај) изнесува 0,7%. Цените на основните прехранбени производи во октомври во однос на септември се намалени (освен за рибата и шеќерот, чоколадото..). Во однос на октомври лани најголем ценовен пад има кај маслата додека раст има кај овошјето, зеленчукот, шеќерот, месото, рибата.
Индекс на цени на храна октомври 2023/22
Храна +0,7%
Месо +4,9%
Жита и леб -1,4%
Масла и масти -27,9%
Млеко, сирење, јајца -5,4%
Шеќер, џем, мед +7,1%
Извор : Завод за статистика
Во октомври годинава во споредба со истиот месец лани индексот на цените на овошјето е зголемен за 11,2%, на зеленчукот за 4,5% а на рибата за 6,8%.
Економските аналитичари очекуваат забавување на инфлацијата, годинава на ниво од 9,5%, следната година 5% додека во 2025 та прогнозираат 3,2% стапка на инфлација.
„Како фактори коишто би можеле да предизвикаат нагорни притисоци на инфлацијата, испитаниците и натаму ги посочуваат продолженото траење и неизвесноста околу разрешувањето на војната во Украина, продолжувањето на санкциите и трговските рестрикции кон Русија, повисоките цени на увезените добра, како и нарушувањето на глобалните синџири на снабдување. Евентуалните нови влошувања во снабдувањето со енергија и пораст на цените на регулираниот пазар би можеле да доведат до дополнителни инфлациски притисоци” – оценуваат аналитичарите во најновата Анкета на Народната банка.
Тие сметаат дека придонес за забавување на инфлацијата годинава се очекува и поради мерките на Владата и на НБМ но и поради повисоката споредбена основа од 2022 година, посебно во втората половина од годината.
Според најновите ревидирани прогнози на НБМ годинава ќе заврши со инфлација од 9,5% а догодина треба да се движи меѓу 3,5% до 4%.