Предметот „Топлик“ за елитната населба „Сончев град“ во Сопиште, во кој првообвинет беше поранешниот министер Миле Јанакиески, застаре.
„Јавниот обвинител изврши преквалификација на кривичното дело кое им се става на товар на обвинетите од член 353 став 5 во член 353 став 4, а во правец на измените на Кривичниот законик. Врз основа на тоа Јавниот обвинител се откажа од понатамошно гонење на обвинетите поради настапена застареност, во смисла на член 352 од ЗКП“, соопшти Кривичниот суд.
Апелациониот суд Скопје ги уважи жалбите на обвинетите за „Tоплик- Сончев град“, ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување.
Основниот кривичен суд во Скопје во април 2022 година го осуди на казна затвор од 3 години и 6 месеци првоосомничениот за случајот „Топлик“, поранешниот министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. За злоупотреба на службената положба и овластувања, обвинети беа уште 5 лица од Министерството за транспорт и врски, кои биле членови на Комисијата за јавни наддавања. Претседателот на Комисијата Томе Ѓурчиловски доби затворска казна во траење од 3 години, додека останатите членови на комисијата добија условни казни затвор од 2 години.
Според обвинението за предметот, кој беше отворен од поранешното СЈО, првоосомничениот Миле Јанакиески, како раководно лице во Министерството, спротивно на Законот за јавни набавки, составил Комисија за јавни наддавања на која ѝ наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.