Холивудскиот продуцент Кевин Турен, кој работеше на телевизиски серии како „Еуфорија“ и „Идол“, ненадејно почина. Имаше 44 години.
Таткото на продуцентот, Едвард Турен, ја потврди смртта на својот син во изјавата во неделата вечерта, но причината за смртта сè уште не е објавена.
„Кевин беше толку неверојатно посебен, овој свет ќе биде помал без него“, рекол Едвард Турен во изјавата за „Дедлајн“.
Џеј Пенске, извршен директор на ПМС и близок пријател на Турен, исто така објави изјава.
„И покрај неговите многубројни достигнувања во Холивуд, најголемата страст на Кевин беа неговото семејство и пријателите. Тој беше многу горд на своите деца. Тој и неговата сопруга Евелина беа решени нивните деца да пораснат со големи вредности и се погрижија да направат разлика во поширокиот свет“, се вели во соопштението.
Турен е роден на Менхетен и студирал филм на Универзитетот Колумбија пред да ја започне кариерата.
Дебитирал како продуцент во инди-филмот „Wassup Rockers“ од 2005 година, во режија на Лери Кларк.
Тој продолжил да продуцира голем број долгометражни филмови, меѓу кои и „Операција крај игра“, напишана од креаторот на „Еуфорија“ Сем Левинсон.
Тој ги продуцирал филмовите „Арбитража“ со Ричард Гир, „Сè е изгубено“ со Роберт Редфорд и уште два филма на Левинсон, „Нација на убиства“ и „Малком и Мари“.
Неодамна го продуцираше филмот на Николас Кејџ и Педро Паскал „Неподносливата тежина на огромниот талент“, сериите „Еуфорија“ и „Идол“, кои се емитуваат на платформата ХБО, пишува „Дејли мејл“.