Повеќе луѓе се застрелани, а пронајдени се и неактивирани експлозивни направи на метро станица во Њујорк, јавија локалните медиуми повикувајќи се на извори од противпожарната служба.
Инцидентот се случил утринава на метро станицата на 36-та улица во населбата Сансет Парк во Бруклин. Сообраќајот е во прекин.
Полицијата на Њујорк на Твитер напиша дека „во моментов нема активни експлозивни направи“ на местото на инцидентот.
Во тек е истрага, а нема ниту детали за бројот на повредени или евентуални жртви. Се шпекулира дека најмалку 13 лица се повредени.
Повикувајќи се на неидентификуван извор од полицијата, Њујорк Тајмс информираше дека полицијата трага по маж кој носел гас маска и портокалова јакна.
Од кабинетот на градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, испратија апел до жителите на градот заради своја безбедност да не се доближуваат до местото каде е регистриран инцидентот. Медиумите јавуваат дека крај станицата на подземната железница се уште им се помага на дел од повредените во престрелката.