Заклучно со 7 ноември, 2.730 газди на фирми ги платиле даноците и придонесите, но не исплатиле плата за своите 8.600 работници. Вкупно 5.455 компании во кои работат 8.500 работници воопшто не поднеле пресметки до УЈП, што значи и дека не ги платиле и придонесите кон државата. Ова на брифинг со новинарите го соопшти директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.
Таа информира дека анализата на УЈП направена за 9 месеци од годината покажала и дека сè уште има фирми кои прикажуваат дека исплатиле нето-плата од 10, 50 или 100 денари, но не кажа зошто државата го дозволува ова.
Според анализата на УЈП, најголемиот број компании (1.500) со 1 вработен имаат проблем покрај платите да ги платат и проидонесите и даноците. Но, има и такви кои имаат голем број работници.
Ваквата состојба е алармантна за синдикатите кои бараат платите на вработените да се исплаќаат заедно со придонесите и да не им се остава простор на работодавачите прво да ги платат придонесите, а платата да не ја исплатат или да ја исплатат со задоцнување.
– Оваа состојба е резултат на дупка во законот за плати која произлегува од можноста придонесите на платите да се платат до 15 во месецот за претходниот месец, а платата за претходниот месец да може да се исплати до 25 во тековниот месец. Ова го користат работодавачите како можност воопшто да не исплатат плата, односно да го исплатат долгот кон државата на придонеси на минимална плата и да не исплатат плата на вработените. Во овој случај доколку платата што треба да се исплати е повисока од минималната, губи и државата бидејќи се платени придонеси на пониска плата. Состојбата се провлекува со години, но државата не е заинтересирана да го реши проблемот бидејќи приходот од придонесите државата го собира и не ја интересира дали работникот ќе земе плата – вели Љупчо Радевски, член на претседателството на ССМ и претседател на Синдикатот за текстил и кожарство.
Тој додава дека решение на проблемот има, но нема интерес да се прифати.
– Ние како синдикати бараме платата и придонесите да се исплатат одеднаш, односно на ист датум и да нема дополнителен период за исплата на платите. Тогаш работодавецот освен што ќе ја исплати платата, па и таа да е минимална или повисока, ќе треба да ги плати и вистинските суми за придонеси, а не придонеси на минимална плата. Така и работникот ќе ја добие платата и државата вистинскиот износ на придонеси. Исто така, бараме УЈП да ги следи и износите на прикажаните нето-плати и да има казни за фирмите кои не се придржуваат кон обврската да им исплатат плати на вработените – појаснува тој.
Радевски вели дека на ваквиот начин на исплата на плата, работодавачите го користат и да не исплатат две и повеќе плати, ако во меѓувреме поради неисплатена плата некој побара стечајна постапка.
– Според правилата со три неисплатени плати, работниците или друг доверител може да започне стечајна постапка за фирмата. Затоа работодавачите најчесто ги плаќаат придонесите и доцнат со платите до 2 месеца. Третиот месец им исплаќаат плата на работниците, со тоа што им даваат до знаење, ако реагираат или ја напуштат работата нема да ги добијат заостанатите плати. И така сѐ се врти во круг. Не се исплаќаат 2 плати па третата се исплаќа, а придонесите кон фондовите и даноците кон државата се намируваат во законскиот рок за да не се согледа фактичката состојба – појаснува тој.
Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи вели дека овој начин на плаќање на придонеси е резултат на фактот дека за неплатени придонеси се плаќаат камати, а за неисплатена или задоцнета плата не се плаќаат камати.
Според него, ваков начин на функционирање практикуваат фирмите кои се блокирани или човек-фирми какви што во земјава има многу.
– Проблемот е што во МПИН пресметките каде што се прикажуваат нето-платата и придонесите кои треба да се платат кон државата, УЈП го гледа само делот на придонесите, а не гледа колкав е износот на платата. Мислам дека 70% од фирмите кои не исплаќаат плата или прикажуваат мал износ на плата и ги плаќаат придонесите се човек-фирми кои не остваруваат никакви приходи, а се одржуваат во живот поради најразлични причини. Некои сопственици сметаат дека во некој период ќе можат да ги активираат, а други пак не ги затвораат поради огромни бирократски процедури. Вакви фирми во изминатиот период беше модерно да се отвораат без да се вложи капитал и сега нивните сопственици кои можеби се и вработени во други фирми или во јавниот сектор имаат обврски кон државата за придонеси. Тие фактички не земаат плата, туку ги плаќаат придонесите бидејќи ако не ги платат придонесите УЈП им наплаќа камата, а за неисплатена плата не се плаќа камата – вели Димитров.
Тој додава дека сопствениците на приватни фирми кои неуспешно работат немаат интерес да ја одржуваат фирмата за да се задолжуваат дополнително со плаќање придонеси.
– Секој приватник гледа да има што помалку загуби на капитал, па ако фирмата има проблеми во работењето гледа начини како да излезе или што побрзо да ја затвори преку стечај за да нема дополнителни трошоци. Ниедна приватна фирма која нема никакви приходи нема интерес да плаќа секој месец придонеси и задоцнети плати, ако не може да создава приходи – појаснува тој.
Плусинфо праша во УЈП зошто се дозволува ваков начин на поднесување на МПИН-пресметки кога се знае дека работодавачите прикажуваат нето-плата со износ од 10, 50 или 100 денари. Прашавме и дали се размислува за поинаков начин на контрола на исплатата на платите и придонесите, но до објавување на текстот не добивме одговори.
Лукаревска вчера соопшти дека 700 даночни обврзници 9 месеци доцнат со реализација на обврските по основ на МПИН-пресметките што било причина УЈП да ги блокира нивните сметки и присилно да ги наплати придонесите.