Воените злосторства извршени од Нетанјаху врз Палестинците достигнаа геноцидни размери, изјави Џил Стајн, кандидатка за претседателка на САД.
Џил Стајн, која во четвртокот објави дека влегува во претседателската трка во САД, повика да се поведе истрага за „воените злосторства“ на Израел во Газа и го осуди претседателот Џо Бајден и другите водачи за нивната наводна „придружна улога“.
– Повикуваме на истрага за воените злосторства на режимот на Нетанјаху, како и за улогата на Бајден и американските лидери во помагањето и поттикнувањето – рече Стајн во видеото, каде што ја објави својата платформа за претседателската трка во 2024 година како кандидатка на Партијата на зелените.
Таа рече дека претседателот Бајден и двопартиските лидери не се само соучесници, туку и целосни партнери во злосторствата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Во 2016 година, Стајн се кандидираше против демократската претседателска кандидатка Хилари Клинтон и републиканскиот кандидат Доналд Трамп како кандидат на Партијата на зелените.
– Воените злосторства што ги изврши Нетанјаху достигнаа геноцидни размери врз Палестинците кои се лишени од храна, вода и струја додека се безмилосно бомбардирани и принудени да ги напуштат своите домови, да бегаат и да ги спасуваат своите животи – додаде Стајн.
Стајн истакна дека овие злосторства мора сега да се сопрат.
– Поради сите овие причини бараме прекин на огнот, крај на израелската блокада, хуманитарна и медицинска помош, ослободување на заложниците и политичките затвореници и крај на окупацијата и апартхејдот. Ова е патот кон мирот и безбедноста за сите нас – додаде таа.
Стајн доби 1,4 милиони гласови како кандидат на Партијата на зелените во 2016 година.