Спасувачите во Чукотка, Русија го пронајдоа авионот кој беше пријавен како исчезнат, а сите три лица во него – пилотите и патникот се живи и се здобија со повреди со различна тежина, соопшти началникот на областа, Владислав Кузњецов.
Тој на Телеграм напиша дека според прелиминарните информации, сите три лица во авионот се живи, дека во моментот кога бил пронајден авионот, во него имало копилот и патник и дека пилотот тргнал пеш да гледа за локација за комуникација, пренесе РИА Новости.
Од главната управа на Министерството за вонредни состојби претходно за РИА Новости изјавија дека авионот Ан-2, со три лица во него, престанал да комуницира во Чукотка. Спасувачите тргнале со хеликоптер и теренски возила во потрага по исчезнатиот авион.
Ан-2 припаѓа на авиокомпанијата „Стриж авија“, која лета на релација Певек – Пољарни – Певек. Кузњецов подоцна изјави дека спасувачкиот хеликоптер, кој полетал во потрага по Ан-2, бил повлечен поради лошите временски услови. Кузњецов истакна дека пилотите и патникот ќе бидат пренесени во болница во утринските часови, доколку дозволат временските услови.