Движењето Беса ја оценува како скандалозна изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека во Меморијалниот комплекс во Сопот била поставена плоча со карта на „Голема Албанија“ со задоцнување од 145 години.
За музејот, пак, вчера со став се јави и министерот Бујар Османи кој рече дека објектот бил на приватен имот, а Али Ахмети бил само гостин.
Фатмир Лимани ја критикуваше и ДУИ дека за секој предизборен циклус ја злоупотребува темата за воениот конфликт и УЧК.
– Дали знамето во рацете на граѓанинот што се вееше на приемот на премиерот Албин Курти во Тетово беше приватна сопственост? Ако беше така (значи старо 145 години), зошто цела Влада и порталите што им служат на СДСМ и на ДУИ станаа и го обвинија Билал Касами дека е виновен за поттикнување меѓуетничка омраза? Зошто беа поднесени тужби против градоначалниците на општините Чаир и Тетово, а тие случаи не се сметаа за дела кои припаѓаат на минатото и историја? Ова докажува дека нашата држава се води врз основа на двојни закони кои ги третираат граѓаните со различни стандарди – рече Лимани.