Цените на нафтата и натаму продолжуваат да паѓаат поради слабата побарувачка во Кина која деновиве треба да ги објави економските податоци. Од друга страна главните производители –Саудиска Арабија и Русија најавија дополнително намалување на производството.
Цената на нафтата Брент падна за 0,3%, на 84,95 долари за барел додека цената на американската сурова нафта падна на 80,59 долари за барел, што е пад исто така од 0,3%.
Главните извозници Саудиска Арабија и Русија потврдија дека дополнително ќе го намалат производството до крајот на годината.
Саудиска Арабија во неделата потврди дека ќе продолжи со дополнителното доброволно намалување од 1 милион барели дневно што значи производство од околу 9 милиони барели дневно за декември.
Русија исто така, објави дека ќе продолжи со дополнителното доброволно намалување на снабдувањето од 300.000 барели дневно од извозот на сурова нафта и нафтени продукти до крајот на декември.
Кина деновиве треба да ги објави податоците за извозот како и инфлацијата.
Аналитичарите како дополнителен притисок на цената на нафтата ја посочуваат и ситуацијата на Блискиот Исток.