Министерот за здравство на Хрватска, Вили Берош , за „Јутарњи лист“ потврди дека заедно со пациент во Риека, кој се здобил со оштетување на хранопроводот и желудникот откако конзумирал пијачка во кафуле, во Загреб се појавиле и два сомнителни случаи.
– Во КБЦ Загреб под опсервација се двајца помлади. Во постојан контакт сум со болницата и засега може да се каже дека се стабилни и надвор од животна опасност – изјавил Берош.
Инаку, стакленото шише кое беше спорно во Риека го наполниле во Австрија, додека загрепското е пластично и се наполнило во Загреб.
Иван Горник, началник на Итната помош во загрепска болница потврдил дека едно од примените лица е млад човек со повреди на устата и на хранопроводникот.
– Тој е на опсервација, стабилен е, повредите не изгледаат многу сериозни, а по лекувањето ќе се знае повеќе дали ќе остане на болничко лекување или ќе биде отпуштен на домашна нега – вели Горник.
На прашањето дали е точно тоа што човекот рекол дека пиел „Кока Кола“, Горник вели дека тоа им го кажал на лекарите на рецепција. Полициски и санитарни инспектори од Државниот инспекторат се веќе на терен.
Загрепската полиција ја потврди објавата за „Јутарњи лист“.
Во Хрватска едно лице заврши во болница поради труење со сок и вода од познат производител. На социјалните мрежи се проширија пораки со предупредување до граѓаните да не консумираат сокови и води од познатиот бренд бидејќи предизвикуваат оштетување на хранопроводникот и желудникот, објави утрово хрватските медиуми, по што „Кока Кола“ се огласи со информација дека се работи за изолиран случај.
фото: МИА