Елитната „дивизија Имам Хусеин“ позната и како „втор Хезболах“ или „најсилната бригада на Иран во Сирија“ пристигнала во Јужен Либан и се вклучува во војната со Израел, соопштија израелските власти. Тоа ја отвора можноста да ескалира вториот фронт каде битките се водат на северот од Израел на границата со Либан. Портпаролот на Израелските одбранбени сили ИДФ за Њузвик изјавил дека армијата веќе се соочила со групата во последните недели.
– Се вели дека е основана во 2016 година за да ја поддржи владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад против бунтовниците и џихадистите, вклучително и милитантната група Исламска држава (ИСИС), во екот на граѓанската војна во земјата – изјавил портпаролот на ИДФ.
Њузвик во јули објави текст во кој ја опиша групата. Врз база на добиени разузнавачки информации весникот напиша дека бригадата е сочинета од силите Кудс на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), што ја сочинува најелитната борбена сила во Сирија.
– Според наша гледна точка, Хезболах и милицијата Имам Хусеин го вовлекуваат Либан да ја плати цената за Хамас-ИСИС. ИДФ е добро подготвена силно да одговори на секој што ќе се обиде да ја поткопа безбедносната ситуација на северот – додал портпаролот.
Милицијата „Имам Хусеин“ изврши неколку ракетни напади врз Израел од територија на Сирија, но и против американските војници во Сирија. Ова се случи по поразот на ИСИС. Се смета дека групата поседува дроновиза надзор, муниција и дека брои илјадници борци, главно Сиријци, но и доброволци од околните земји.
Одговорност за нападите презеде групата која себеси се нарекува „Исламски отпор во Ирак“. Њузвик пишува дека тоа е заедничко име за сите милиции во Ирак поддржани од Иран. Оваа организацијата, пак, е дел од големата „Оска на отпорот“.
Портпаролот на американската централна команда (ЦЕНТКОМ) тври дека зголемувањето на американските позиции било порака дека сите тие милиции, „тие противници треба двапати да размислат“.
Нападите врз американските војници во Ирак и Сирија продолжија, а Исламскиот отпор во Ирак во четвртокот тврдеше дека нападнал „витална цел за ционистичкиот ентитет на брегот на Мртвото Море“, кој се наоѓа помеѓу Израел и Западниот Брег.
Хезболах во четвртокот објави дека „муџахедините на исламскиот отпор“ целеле на 19 израелски воени локации. ИДФ, од своја страна, рече дека извршила напади врз „терористички цели“ во јужен Либан користејќи авиони, тенкови и артилерија.
Голем број високи членови на Хамас и сојузничката група Исламски џихад отворено ја изразија својата поддршка од Иран и ги повикаа Арапите и муслиманите од целиот свет да преземат акција против Израел.
Портпаролот на Израелските одбранбени сили изјави за Њузвик дека политичкиот шеф на Хамас Исмаил Ханије отпатувал за Иран во четвртокот, иако ниту една од страните сè уште не ја потврди посетата. Два дена претходно, Ханије се состана со министерот за надворешни работи на Иран.