Мегабурата Сиаран го парализираше сообраќајот во северни делови на Европа. Откажани се стотици летови, блокирани се патишта и пруги во северозападна Франција, југозападна Англија, Холандија, Белгија, Германија и Италија, пренесува Јутарни Лист.
Во Холандија дрво падна врз лице во југоисточниот град Венреј во близина на границата со Германија, соопштила тамошната полиција. Паѓањето дрвја повреди луѓе на неколку други локации, вклучително и една жена во Хаг.
Во Франција две лица загинаа, а 15 се повредени, меѓу кои и седум пожарникари, изјави министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин. Возачот на камионот загинал кога удрил во паднато дрво. Во Авр, еден човек бил фатен од налет на ветер додека ги затворал ролетните на прозорецот и починал.
Околу 1,2 милиони домаќинства останаа без струја, а стотици илјади се исклучени од мрежата на мобилни телефони. Во некои региони ветерот достигна брзина и до 200 километри на час.
Соборените дрвја ги блокираа патиштата и железничките пруги. Причинета е значителна материјална штета. Поради невремето откажани се стотици летови. Возовите од и до Париз, исто така, не сообраќаа, а беше погоден и превозот.
Силни ветрови дувале и низ регионот на планината Харц во централна Германија во четвртокот, убивајќи една жена откако ја удрило дрво што паднало, соопштија пожарникарите во градот Гослар.
Жена од Баварија планинарела со сопругот и двете мали деца на 600 метри високата планина Рамелсберг кај Гослар кога починала. Невремето, исто така, урна далноводи и делумно затвори два автопати во планината Харц, соопштија пожарникарите.
Во централната италијанска област Тоскана, најмалку три лица го загубија животот поради временските предупредувања во голем дел од земјата.
Претседателот на Тоскана, Еугенио Џиани изјави дека две лица загинале во општина Монтемурло, околу 25 километри северозападно од Фиренца, каде што се излеа реката. Трето лице загина во Росињано на брегот на Тоскана.
„Никогаш не сме забележале толкаво количество дожд за само неколку минути“, напиша Џиани на платформата на социјалната мрежи Икс во раните утрински часови во петокот.
Дожд и силен ветер се предвидува да се движат кон јужните региони на Италија, објави агенцијата за цивилна заштита на земјата.