Израелските сили ја поминаа периферијата на градот Газа, битката во Газа е во својот пик , изјави денеска израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кој се пофали и со „импресивен успех“ на израелските воени сили.
„Ние сме во пикот на борбата. Постигнавме импресивен успех и ја поминавме периферијата на градот Газа. Напредуваме“ – соопштија од кабинетот на Нетанјаху, но, како што пренесува Би-Би-Си, во соопштението не се дадени дополнителни детали.
Израел претходно денеска го гранатираше бегалскиот камп Ал Буриџ во центарот на Газа.
Портпаролот на цивилната одбрана во Газа, Махмуд Басал, истакна дека на возилата на цивилна одбрана и тимовите за итни случаи им е тешко да пристапат и да ги расчистат урнатините. Под урнатините наводно се заробени десетици лица, а нападот создал голем кратер и сериозно оштетил неколку околни згради.
Училиште на Обединетите нации, претворено во засолниште, оштетено е во напад на бегалскиот камп Џабалија во Газа, при што наводно загинале најмалку 20 луѓе.
„Само во изминатите 24 часа, четири засолништа на УНРВА се оштетени во Појасот Газа. Денеска е оштетено училиште претворено во засолниште во бегалскиот камп Џабалија, најголемиот во Појасот Газа, при што загинаа најмалку 20 луѓе, а беа повредени пет. Понатаму на југ, беа погодени две училишта претворени во засолништа во бегалскиот камп Ал Буриџ. Две лица загинаа, а 31 беа повредени. Низ Појасот Газа, овие засолништа се претпоставува дека се безбедни засолништа, под знамето на Обединетите нации“ – соопштија од ОН.
Според израелски извори, одбранбените линии на Хамас во северниот дел на Појасот Газа продолжуваат да паѓаат, додека неговите членови се повлекуваат на југ кон центарот на енклавата.
Според портпаролот на израелската армија Даниел Хагари, израелските војници продолжуваат да ги уништуваат одбранбените линии на Хамас на северот на Појасот Газа и да ја преземат контролата врз централните области. Хагари тврди дека израелските сили имаат „надмоќ “ во секоја конфронтација.