Именувањето на три нови обвинители во трите основни јавни обвинителства во Тетово, Битола и Штип кои ќе бидат задолжени да постапуваат за предмети поврзани со безбедноста на новинарите, претставува исчекор во обезбедување поголема заштита и справување со неказнивоста за злосторствата против новинарите и медиумските работници. Трите нови обвинителки кои ќе бидат задолжени да постапуваат по предмети поврзани со новинарите се: Нина Димитриевска од ОЈО Тетово, Ирена Атанасовска од ОЈО Битола и Татјана Кацарова од ОЈО Штип.
Минатата година за првпат беше именуван јавен обвинител од ОЈО Скопје да постапува во предмети поврзани со безбедноста на новинарите и забележан е напредок во нивното решавање. Во 2022 година од пет предмети, решени се четири, додека годинава од вкупно шест, досега решени се четири.
Ова беше истакнато на денешниот јавен настан на тема „Нови обвинители во основните јавни обвинителства во Македонија, за поголема заштита и ставање крај на неказнивоста за злосторствата против новинарите и медиумските работници“ организиран од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) по повод 2 Ноември – Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста на злосторствата против новинарите, а на кој се обратија и претставници од ЈОРМ за новите механизми за институционална заштита на медиумски работници.
Младен Чадиковски претседател на ЗНМ, истакна дека е голема одговорноста и тежината на бројките кога секоја година се потсетуваме на злсторствата сторени врз новинарите не само во земјава туку и во регионот и глобално, бидејќи, годинава само кај нас имаше најмалку четири обиди за напад и напад врз новинари и сниматели кои се во тековна постапка.
– Со години постоеше и сè уште донекаде постои култура на неказнивост на оние што ги атактуваат новинарите, и тоа мора да се смени, бидејќи нашата цел е јавноста да биде информирана на начин во којшто новинарите нема да бидат обремените. Ние новинарите имаме клучна улога во поддржувањето на слободата на говорот и слободата на печатот кои се основни столбови на демократијата – рече Чадиковски.
Тој потсети на нападите врз новинарите од 27 април, прислушувањето на новинарите во еден долг период во изминатата декада, но и на омаловажувања и потценувања на кои тие се изложени и денес од политичарите.
– Листата на нерешените случаи на напади врз новинарите е голема, но голема е и листата на нашите очекувања и барања за нивно решавање. Целта е да покажеме дека сакаме да ставиме крај на неказнивоста и дека имаме нула толеранција за напади врз новинарите и медиумските работници – додаде Чадиковски и изрази задоволство што тоа е препознаено од Обвинителството.
Билјана Арсовска портпарол на ЈОРМ истакна дека државното заедно со основните јавни обвинителства имаат причина за задоволство врз основа на резултатите и динамиката на решавање на случаи поврзани со напади врз новинари, како и почитување на меѓународните стандарди, посебно по именувањето лани на јавната обвинителка Искра Хаџи Василева од ОЈО Скопје за овој вид предмети, што уследи на иницијатива на ЗНМ.
Ова рече таа, е посочено како позитивен пример и од сите меѓународни организации, кој покажуваат интерeс да го следат и другите земји од регионот.
– Листата на напади против новинари е навистина долга, но во последно време станува се пократка. Од вкупно шест предмети поврзани со безбедноста на новинарите евидентирани во обвинителствата од почетокот на годинава по два предмета веќе имаме изречена пресуда, во уште два предмета е поднесено обвинение и се очекува судска постапка, од кои еден е предмет на ОЈО Скопје за кој тукушто е донесена јавнообвинителска пресуда. Тоа значи дека четири предмети веќе се решени. По останатите два исто така е постапено, но со оглед дека се работи за закани преку електронски комуникации се уште не е идентификуван испраќачот. Во 2022 година од пет евидентирани предмети решени се четири, а во еден се трага по сторителот. Од решените предмети изречени се две пресуди, во еден случај предметот е решен уште од МВР со писмено предупредување, додека во еден предмет е донесена резолуција повторно само затоа што од социјалната мрежа твитер е добиен официјален одговор дека не може да се идентификува корисникот на анонимен профил кој веднаш по објавите го згаснал профилот – рече Арсовска.
Според јавната обвинителка Хаџи Василева јасно е дека има вербални напади, а година е забележано и физичко насилство врз новинари и медиумски работници, но она што загрижува вели таа, се онлајн нападите кон жени новинарки.
– Тоа е глобален тренд, кој порано и подоцна доаѓа и кај нас. Годинава за жал имаме и експлицититни закани по живот на жена новинарка, и е нешто што загрижува сега и ќе загрижува и во иднина, особено што обично истрагите за онлајн нападите се проследени и со низа предизвици од аспект на откривање на сторителите и понатаму водење на истрагата – рече Хаџи Василева.
Претседателот на ССНМ, Павле Беловски, меѓу другото ги потенцираше измени во Кривичниот законик со кој напад врз новинар се смета за напад врз службено лице, односно се гони по службена должност, донесени после петгодишни инсистирања од еснафските здруженија. Беловски истакна дека е важно да се сфати и фактот дека нападите кон новинарите не се лични напади, туку работата на новинарите која е од јавен интерес.
– Треба да работиме уште посилно и поздружено дека не смее да се напаѓа, и мора да се штити јавниот интерес и новинарската работа бидејќи тоа се повисоки императиви во општеството – рече Беловски.