40-годишниот Драган С од селото Прањани кај Горни Милановац е човекот кој денеска се разнесе со бомба на Железничката станица во Чачак, објавија српските медиуми.
– Ова е вистинска трагедија, штотуку згасна еден млад живот. Драган живееше со својата мајка и возеше камион. Ова што се случи навистина ме потресе – изјавил жител на Прањани, пренесе Блиц.
Според зборовите на останатите очевидци, пред да се случи експлозијата на железничката станица пристигнал еден патнички и еден товарен воз, па се претпоставува дека Драган чекал да остане сам за да ја активира бомбата. Седел сам на клупа која била одвоена од останатите.
Експлозијата се случила утрово во 8.42 часот кога Драган ја активирал рачната бомба. Тој настрадал на лице место, а никој друг не е повреден.
– Како што разбравме, човекот седел на клупа и ја активирал бомбата. Ние не бевме таму, не знаеме баш како се одвивале работите – изјавил жител на Чачак.
Во моментов полицијата врши увид на местото на настанот.