Мешањето на приватни лица или јавни функционери во судските процеси не смее да се толерира од оние во судството, од владата или од народот на оваа земја. Надворешното влијание ја нарушува вербата на јавноста во македонските институции и функционери. Правдата мора да биде транспарентна – граѓаните на оваа земја не заслужуваат ништо помалку – се вели во пишаниот одговор од амбасадорката на САД, Анџела Агелер, по барање од Сител телевизија во врска со информации објавени пред два дена дека „амбасадорката Агелер била во посета на Врховниот суд по барање на судии кои биле под жесток притисок од владата и барале заштита од политички реваншизам“.
– Ми беше задоволство да се сретнам со главниот судија на Врховниот суд и со другите судии и да ги слушнам нивните забелешки и грижи. Судиите во кој било суд и во која било земја мора да носат одлуки врз основа на законот и без мешање – истакнува Агелер.
Како што е објавено на фејсбук страницата на Амбасадата на САД во Скопје, амбасадороката Агелер се сретнала со судијката на Врховниот суд, Беса Адеми, за да разговараат за важноста на независноста и транспарентноста на судството.
„Таа, исто така, имаше можност да се сретне со судиите на Врховниот суд и да го повтори нашиот заеднички интерес за зајакнување на владеењето на правото и борбата против корупцијата. Соединетите Држави секогаш ќе бидат тука да го поддржат владеењето на правото и да работат заедно за да се постигне просперитетна и безбедна Северна Македонија“ – објавено е на ФБ на Амбасадата на САД во Скопје.