На југот на Газа, каде што голем број Палестинци се раселени од северот на појасот, храната и водата се вистински проблем.
Израел најави дека ќе продолжи да пумпа вода во областа, но нема гориво за пумпање вода до домовите на жителите, пишува Би-Би-Си.
Пред болницата Насер има резервоар на ОН со чиста вода, а стотици луѓе чекаат во ред да наполнат шише со вода.
Еден татко му рекол на новинарот на Би-Би-Си дека чекал шест часа за да добие пет парчиња леб за своето семејство.
Луѓето во областа молат за одржлив хуманитарен коридор. Тие само сакаат да им обезбедат храна и вода на своите семејства, додава Би-би-си.
Израел соопшти дека имало „неколку битки“ во Газа во текот на ноќта додека неговата копнена офанзива продолжува. Израелските одбранбени сили соопштија дека утринава биле нападнати од „терористи“ со противтенковски проектили и митралез.
Во текот на ноќта продолжија и воздушните напади врз Појасот Газа – Израел соопшти дека вкупно биле погодени повеќе од 300 цели. Според лекар од болницата Ал Акса, најмалку 13 лица загинале во текот на ноќта во израелското бомбардирање на центарот на Газа.
Агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA) објави дека 64 членови на нејзиниот персонал досега се убиени во Газа во конфликтот меѓу Хамас и Израел.