Израелските тенкови кои се приближуваа до предградијата на градот Газа сега се повлекоа, тврди Салама Маруф, шеф на владината канцеларија на Хамас во Газа, jaви Ал Џезира.
„Апсолутно нема напредок во станбените области на Појасот Газа. Она што се случи на улицата Салах ал-Дин беше упад на неколку тенкови на окупаторската војска и булдожер“, се вели во соопштението на Маруф.
„Овие возила гаѓаа два цивилни автомобили на улицата Салах ал-Дин и ја уништија улицата со булдожер пред отпорот да ги принуди да се повлечат. Во моментов на патот Салах ал-Дин нема возила на окупаторската армија, а движењето на граѓаните по патот е нормализирано“, се тврди во соопштението.
Во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври до сега се уништени 47 џамии, додека три цркви се оштетени, соопштија тамошните власти.
„Израелските напади врз Појасот Газа предизвикаа уништување на 47 џамии и штети на три цркви и 203 училишта, како и на 80 владини згради“, изјави претставникот на властите во Газа Саламе Маруф, пренесува Анадолија.
Според него, бројот на загинатите членови на медицинскиот персонал е 116, додека животот го загубиле 18 припадници на спасувачките екипи и тимовите за цивилна заштита, како и 35 новинари.