Во четвртокот Австралија ја разбуди страшната вест за телото кое беше пронајдено во бањата на елитното приватно училиште во Сиднеј, пишува денеска Би-Би-Си.
Полицијата одговорила на повикот за помош од училиштето „Свети Андреј“ веднаш по полноќ.
Таму нашле грозоморна сцена – мртва девојка (21), која била тренер по ватерполо.
Лили Џејмс имала тешки повреди на главата.
Детективите веруваат дека таа била убиена со чекан неколку часа претходно, објавија локалните медиуми повикувајќи се на неименувани извори, пренесува Би-би-си.
Безбедносните камери наводно го снимиле нејзиниот колега Пол Тисен (24), тренер по хокеј, како влегува во бањата по Лили. Тисен подоцна се појавил сам, и бил меѓу луѓето кои се јавиле на 911.
Иако полицијата не наведува наводи за можните мотиви за убиството, локалните медиуми објавија дека Лили неодамна ја прекинала врската со Тисен. Тие беа заедно само пет недели.
Полицијата започна голема потера, пред се во предградијата, каде во корпа за отпадоци пронашла предмети „поврзани со убиството“ – наводното оружје за убиство, а во петокот наутро било пронајдено тело за кое подоцна било потврдено дека е на Тисен.
Случајот повторно го разгоре прашањето за тоа како Австралија се справува со вистинската „епидемија“ на семејно насилство во земјата.
Лили Џејмс е 41-та Австралијка која умре како последица на родово насилство оваа година.
Само во последните 10 дена, три жени – јужноавстралијката Кристал Маршал, неименувана жена од Канбера и Лили Џејмс – наводно биле убиени од мажи што ги познавале. Сите тие беа во своите домови или на нивните работни места.