Израелски тенкови денеска влегоа во населбата лоцирана на приодот кон градот Газа и го окупираа главниот пат меѓу северниот и југот на Појасот Газа, објавија очевидци.
Тенковите стигнаа до населбата Ал-Зејтун во градот Газа, изјавија очевидци.
„Тие го презедоа патот Салехедин (кој ги поврзува северот и југот) и пукаат во секое возило што поминува“, изјави еден од нив за АФП.
Израелската армија денеска соопшти дека нејзините сили убиле десетици борци на Хамас за време на ноќните борби во Газа.
И Хамас објави „интензивни борби“ во северниот дел на Појасот Газа трета последователна ноќ, додека Израел ги засили и ги прошири копнените операции со војници и тенкови, пренесува AFP. Од петокот вечерта израелската армија оперира во Газа.
Израелската армија денеска потврди дека погодила „повеќе од 600“ цели во Појасот Газа во последните 24 часа, според информациите доставени до агенцијата Франс прес.
Во соопштението се наведува дека меѓу целите се „магацини за оружје, десетици позиции за лансирање противтенковски ракети, како и засолништа што ги користи терористичката организација Хамас“.
Израел вчера објави дека го зголемил бројот на своите војници и обемот на операции во палестинската енклава, бидејќи од петокот значително ги зголемил нападите, со цел да го „уништи“ Хамас. Израел, како и САД и ЕУ, го сметаат Хамас за „терористичка“ организација.
Илјадници луѓе загинаа во војната, која беше започната со крвавиот упад на палестинското исламистичко движење Хамас на израелска територија на 7 октомври, а која денеска влезе во 24-от ден.
Хамас објави дека повеќе од 8.000 луѓе, главно цивили, загинале во израелските бомбардирања од почетокот на војната. На израелска страна загинаа повеќе од 1.400 луѓе, главно цивили, што е најголем број за време на нападот што Хамас го изврши врз Израел на 7 октомври.
Појасот Газа е континуирано бомбардиран од израелската армија како одговор на нападот, при што Хамас исто така зеде како заложници повеќе од 230 луѓе. Таа палестинска територија е под „тотална опсада“ од 9 октомври, поради што населението е прекинато со вода, храна и струја.
Според Канцеларијата на ОН за хуманитарни прашања (Оча), вчера во Газа влегле 33 камиони со помош, што е најголемиот конвој од првите пуштени камиони на 21 октомври. Вкупно 117 камиони влегле во Газа од тој датум, според извештајот објавен денеска. Канцеларијата на ОН смета дека се работи за недоволна помош и стравуваат од дополнително влошување на и онака катастрофалната хуманитарна состојба, како и граѓански немири.