Американската потпретседателка Камала Харис рече дека Вашингтон нема „апсолутно никаква намера“ да испраќа борбени единици во Израел или Газа. Во интервју за Си-Би-Ес во неделата Харис изјави:
– Ние немаме апсолутно никаква намера, немаме планови да испратиме војска во Израел или Газа. Точка.
Харис, која е добро информирана за кризата на Блискиот Исток, вели дека тесно се придржува до пристапот на претседателската администрација, а тоа е да го поддржи Израел да се брани, но во исто време да ги заштити цивилите.
– Според повеќето проценки, загинаа најмалку 1.400 Израелци – рече таа мислејќи на нападот на Хамас од 7 октомври со кој започна војната.
– Израел, без никакво сомневање, има право на самоодбрана. Исто така, многу е важно да се разделат Хамас и палестинскиот народ, кој заслужува еднакви мерки на безбедност, самоопределување и достоинство. Бевме многу јасни кога рековме дека мора да се почитуваат правилата на војната и дека хуманитарната помош мора да се дистрибуира непречено – додава американската потпретседателка.
На прашањето дали војната може да се прошири надвор од Појасот Газа, Харис ја повтори изјавата на претседателот Џо Бајден „Иран да не се меша“:
– Значи еден збор. Немојте. Многу е јасно – рече Харис.
Таа одговори и на прашање далаи Бајден догодина во ноември ќе биде здрав за одржувањето на следните избори, со оглед на тоа што овој ноември тој ќе напони 81 година.
– Немам време да погодувам дали некој од Демократите би можел да го замени. Воопшто нема да се занимавам со тоа, бидејќи Бајден е многу жив и се кандидира за реизбор – објасни потпретседателката.