Украинско беспилотно летало удрило во складиште за нуклеарен отпад за време на нападот во регионот Курск во западна Русија претходно оваа недела, тврди портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова. Локалните власти во четвртокот известија дека неколку дронови биле соборени во близина на нуклеарната централа Курск. Наводите на руските власти ги пренесе и Ројтерс.
Во саботата Захарова ја обвини украинската војска дека намерно го гаѓала нуклеарниот објект со три беспилотни летала.
– Едно од беспилотните летала, наполнето со експлозив, удри во складиште за нуклеарен отпад и ги оштети неговите ѕидови – рече таа, додавајќи дека уште два дрона паднале врз комплекс на административна зграда на теренот на централата.
Повикувајќи се на прелиминарните извештаи, Захарова рече дека „беспилотните летала што се користат за напад на нуклеарната централа имале компоненти обезбедени од западните земји“.
Портпаролката нагласи дека најновиот воздушен напад „може да резултира со нуклеарна катастрофа од големи размери што би погодила многу земји“. Таа, исто така, тврдеше дека западните поддржувачи на Киев, најверојатно, биле или однапред известени за претстојниот напад, или дури и дале зелено светло за тоа.
Во петокот, руското Министерство за одбрана соопшти дека противвоздушната одбрана пресретнала два дрона, со разлика од околу два часа, над градот Курчатов претходниот ден. Иако официјалните лица не спомнаа каква било штета предизвикана од спречениот удар, медиумот SHOT објави дека еден од дроновите паднал до складиште за нуклеарен отпад и се разнел.
Сличен инцидент со беспилотни летала во Курчатов, кој можеби е обид за напад на фабриката, се случи во јули.
Москва и Киев постојано се обвинуваат себеси за „нуклеарен тероризам“. Меѓу нив се вбројуваат и настаните околу централата во Запорожје која беше запоседната од руските сили на почетокот на војната која трае.
Интересно е што инцидентот од четвртокот вечерта во рускиот регион Курск се случи еден ден откако украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нападот со руско беспилотно летало во западниот украински регион Хмелницки веројатно ја имал за цел нуклеарната централа во областа.