Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски од Дојран потврди дека во текот на вчершаниот ден имал средби со претседателите на четири политички партии, кои се дел од владината коалиција, меѓу кои и со Али Ахмети лидерот на ДУИ, а темата била датумот за изборите во 2024 година.
– На тие средби разговаравме за сите актуелни прашања во државата, вклучително и за изборите. Во врска со подготовката на изборите, во Министерството за правда веќе постои работна група, каде сите политички партии имаат делегирано свои претставници. Така како што е според Закон и процедура. Единствено ВМРО-ДПМНЕ нема делигирано свој претставник. Јас ги поттикнувам да делегираат свој претставник, бидејќи не може една или две партии да одлучуваат во процес во којшто учествуваа 30 и повеќе политички партии – вели Ковачевски.
Тој потенцира дека работната група треба финално да ги усогласи препораките на ОБСЕ и ОДИХР во Законот и дека таму може да се разговара за точниот датум за одржување на изборите во 2024 година.
– Изборите се распишуваат согласно Закон и Устав и согласно мандатот на избраните функционери, тука пред сѐ, мислам на претседателот на државата и на пратениците и нормално во рамките на законските рокови може да се разговара за финеси, во однос на тајмингот. Сѐ друго е одржување средби, коишто се вон формат, каде што сите треба да го дадат својот збор и своето мислење, мислам дека е вонинституционално – рече Ковачевски.
Тој додаде дека низ разговори се решава прашањето околу датумот за претседателските и парламентарните избори во 2024 година, а не како што рече, како што било во минатото, претседател на Влада од аеродром да го кажува датумот на изборите. Ковачевски истакна дека по 2017 година надминати се тие практики и изградено е демократско општество во кое сите процеси се водат во институциите и се согласно законите.