Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска во својство на покровител присуствуваше и се обрати на Вториот Спортски самит TODAY’S SPORT 2023, образовно-спортска манифестација во организација на Здружението за развојни иницијативи – Геостратешкиот институт „Глобал„ чиј концепт и цели се менување на спортските политики во државата за подобрување на состојбите на македонскиот спорт.
Спасовски потенцираше дека креирањето на нови современи политики, согласно светските трендови во најетаблираните „спортски“ земји, е главната мисија на геостратешкиот институт „Глобал“, односно реално високо вреднување и позиции на спортот како исклучително значаен сегмент на целосниот развој на нашето општество.
„Јасна тенденција на Самитот – спортот, како хумана дејност, односно како систем на активности засновани врз физичката кондиција и физичките умешности и вештини, да се опсервира и третира далеку подетално, преку сите важни сегменти што влијаат врз него, а со таквиот научен, но и искуствено-практичен пристап да се дојде до дефинирање, менување и етаблирање на нови и модерни спортски политики усогласени со европските, односно одржување на константни промени во спортскиот систем особено оној професионалниот преку воведување на нови начини на финансирање, нови начини на менаџирање во спортот, но и воведување на нови спортски професии.“, потенцираше министерот Спасовски.
Министерот образложи дека како и секое современо општество треба да ни биде важно следејќи ги многуте динамични трендови коишто влијаат врз развојот на државата постојано да ги преиспитуваме, да ги одмеруваме сите норми и стандарди кои имаат директни импликации врз општествените сегменти, во овој случај спортот, неговата артикулација, одржливост, напредок и развој, уверен дека спортскиот самит Today’s Sport 2023, како благородна и полезна иницијатива, веќе како редовен и традиционален ќе има и вистински практично апликативен придонес во квалитетно, модерно и ефективно позиционирање на спортот, со сите негови позитивни и доблесни вредности.