Кина го испрати најмладиот екипаж на својата вселенска станица во орбитата, како дел од напорите да ги спушти своите астронаути на Месечината пред 2030 година.
Вселенското летало „Шенжу 17“ тргна од центарот за лансирање на сателити Џиукван на работ на пустината Гоби во северозападна Кина со ракета Long March 2-F во 11:14 часот по локално време (5:14 часот по средноевропско време).
Според Кинеската вселенска агенција, просечната возраст на тричлениот екипаж е најниска од почетокот на мисијата за изградба на вселенската станица, објави претходно кинеската државна телевизија CCTV. Чајна дејли објави дека нивната просечна возраст е 38 години.
Пекинг спроведува план за испраќање астронаути на Месечината до 2030 година, натпреварувајќи се со Американците. Ова ја покажува конкуренцијата меѓу двете најголеми светски економии во областа на технологијата, војската и дипломатијата, наведува АП. Тричлениот тим Танг Хонгбо, Танг Шенџие и Жијанг Ксинлин ќе го замени екипажот кој престојува на вселенската станица шест месеци. Танг е ветеран кој водеше вселенска мисија три месеци во 2021 година.
Новиот екипаж ќе спроведе експерименти во вселенската медицина, вселенската технологија и други полиња за време на мисијата и ќе помогне да се инсталира и одржува опрема внатре и надвор од станицата, соопшти кинеската агенција.
Агенцијата вчера објави и дека планира да испрати нов телескоп за набљудување на универзумот. CCTV објави дека телескопот ќе овозможи гледање и мапирање на небото.
Кина ги истражува движењата на ѕвездите и планетите илјадници години, а во модерните времиња се стреми да стане лидер во истражувањето на вселената и вселенската наука.
Кина изгради своја сопствена станица кога беше исклучена од Меѓународната вселенска станица, најмногу поради загриженоста на САД дека кинеската војска би можела да ја преземе контролата врз програмата.
Првата кинеска вселенска мисија со екипаж во 2003 година ја означи Кина како трета земја по Советскиот Сојуз и САД што испрати човек во вселената користејќи сопствени ресурси.