Поради внатрешни несогласувања и меѓусебни обвинувања, малата радикално десничарска и националистичка грчка партија Спартанци, која на изборите во јуни годинава првпат обезбеди место во Парламентот, остана без петмина пратеници, откако тројца беа избришани, а двајца одлучија да станат независни, јави дописничката на МИА од Атина.
Партијата на изборите на 25 јуни доби 4,68 отсто од гласовите и 12 пратеници, како и отворена поддршка од осудениот поранешен пратеник од Златна зора Илиас Касидиарис, а сега пратеничката група на Спартанци остана со седум членови.
На расправата во Парламентот во четвртокот посветена на пожарите во Грција, лидерот на партијата Василис Стигакс, кој остана сам во салата, без неговите пратеници, обвини дека токму неговите пратеници се раководени од „странски вон парламентарни центри“, поврзани со мафијата, по што Обвинителството започна прелиминарна истрага, а за овие тврдења, претседателот на Спартанци утре е повикан да даде исказ во Врховниот суд.
фото: МИА