Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свеќља, вели дека косовските служби поседуваат разузнавачки информации за тоа дека во српски армиски бази близу до границата се обучуваат други групи за можни нови напади врз Косово каков што беше нападот од 24 септември.
– Имаме разузнавачки информации дека се обучуваат други групи, дека не само (Милан) Радоичиќ, туку и (Звонко) Веселиновиќ ќе биде дел од идните напади, доколку дозволиме да се случат, со единствена цел да се предизвика нова ситуација на теренот, при што позицијата на Србија би се подобрила во однос на нивната цел да го уништат Косово – рече Свечља во интервју за КТВ.
Тој додаде дека Косово ќе ги исполни сите процедури, барајќи екстрадиција и судење на Милан Радоичиќ, лидерот на Српската листа, пред правосудниот систем на Косово. Според Свеќља, државата Србија и владата на Александар Вучиќ ја планирале, регрутирале и ja обучиле „терористичката група“ со која се судри косовската полиција во Бањска, а со цел припојување на општините од северот кон Србија.
– Првичната цел им беше да најдат безбеден коридор, тргнаа заедно од Извоци низ паралелен ридски пат во Бањска и ќе се распоредеа до Звечане и Северна Митровица. Бањска беше само собирно место. Не влегоа одеднаш, влегоа групи во вечерните часови. Место на средба беше Бањска. Тоа е воен план. Би биле сместени во Звечане и во Митровица. Би се сретнале со останатите членови во Зубин-Поток. А имаме информации дека уште една група би влегла во Лепосавиќ од српската граница. Нашите разузнавачи се многу блиску до откривање на бројката на членови на оваа група, но не можам да ја кажам таа информација – изјави Свечља на КТВ.