Министерството за правда нема да го повлече предлог-законот за амнестија и да го предложи со европско знаменце, доколку тој биде блокиран во Собранието со 3.000 амандмани како што најави опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Цениме дека за сите забелешки од политичките партии има можност пратениците да изнајдат решенија преку амандмани, да се интервенира во предложениот текст со единствена цел законот успешно да помине во Собрание. Од почеток ставот на министерот за правда е дека Законот за амнестија нема да се предложи со европско знаменце и надвор од Собранието нема да се бара решение“, одговориле од Министерството за правда за Радио Слободна Европа.
За една недела Предлог-законот за амнестија по скратена постапка ќе се најде на дневен ред пред пратениците, но прашање е дали тој воопшто ќе ги мине собраниските филтри ако се има предвид дека опозицијата го очекува со план за блокирање.
Лошите услови во затворите, пренатрупаноста и неможноста за ресоцијализација беа наведени како причини за поднесување на предлог законот за амнестијата. Доколку биде донесен предлог-законот, тоа ќе биде осма амнестија од независноста на државата.
Според верзијата доставена до парламентот, амнестијата треба да опфати правосилно осудени сторители на „лесни кривични дела“ – целосно би се ослободиле осудениците на кои им е изречена затворска казна до шест месеци, а оние со над шест месеци ќе се ослободат од издржување на 30 отсто од казната.