Американската тиктокерка Лена Соу со многубројните следбеници го сподели своето искуство од посетата на Македонија кое не е многу репрезентативно, посебно за Скопје.
Иако за Македонија важи дека е за гостопримлива земја посебно за странците, 23-годишната Американка има многу подруг впечаток. Таа вели дека Македонија најмалку и се допаднала од сите европски држави што ги посетила. Но, не целата држава. Негативниот впечаток најмногу го креира главниот град Скопје.
– Македонија дефинитивно е број еден. Но, не целата држава, туку конкретно главниот град Скопје. Ова беше едно од најлошите патувачки искуства што сум ги имала. Во мигот кога останав сама, луѓето буквално свиреа од автомобилите по мене, ми довикнуваа по улиците. Си реков „Ова е премногу“ – вели Лена Сноу.
Американката што патува сама низ светот вели дека се чувствувала небезбедно, а таксистите во Скопје и наплаќале како да се вози во Лос Анџелес.
– Покрај тоа што велам дека е небезбедно, има премногу нелегални такси возила. Во ред е тоа што ми наплаќаа повеќе бидејќи навикната сум да плаќам „туристичкиот данок“, но не е во ред тоа што ме тераа да платам огромна сума без излез, значи, јас сум турист затворен во возилото! Ако таксито реално чини 3 долари, ОК е ако ми наплати 6 долари, двојно повеќе. Но, да ти наплати 20 долари за 5 минути возење е лудо. Лудо е тоа што ми наплаќаа повеќе од тоа што би го платила во голем град како Лос Анџелес каде што живеам. Правам споредба бидејќи ЛА важи за град со високи цени. Тој е голем град… Но, Скопје е многу помал и ми наплаќаат десет пати повисока цена! Нема начин како да се движите низ градот, бидејќи е тешко да најдете сигурно такси, особено ако не зборувате македонски. Значи, заглавени сте. А, за мене тоа е многу небезбедно и не можам да го поднесам – истакнува американската тиктокерка.
Од своето патување во Македонија, таа сепак, пренесува и позитивни впечатоци. За разлика од Скопје каде што вели дека никогаш повторно нема да се врати, на Лена и се допаднал Охрид и го препорачува како убава дестинација.
– Ако сакате да одите во Македонија, одете во другите делови од државата. Одете на езерото. Охрид е убав. Многу ми се допадна. Но, Скопје – прескокнете го. Слушнав и од многу други жени дека исто така имале такви чудни искуства и не би можела да го препорачам… Никогаш, никогаш нема да се вратам – вели Американката во виедото објавено на ТикТок.