Соединетите Американски Држави (САД) најавија зајакнување на своето воено присуство на Блискиот Исток поради „неодамнешните ескалации на Иран и неговите сојузнички сили“ во регионот.
Батеријата на противракетниот одбранбен систем THAAD како и неколку баталјони на противракетниот систем Патриот ќе бидат распоредени „ширум регионот“, објави во саботата вечерта американскиот министер за одбрана Лојд Остин.
„Овие мерки ќе ги зајакнат регионалните напори за одвраќање, ќе ја зголемат заштитата на американските сили во регионот и ќе придонесат за одбраната на Израел“, се вели во соопштението на Остин.
Како што е најавено, дополнителните воени сили ќе бидат подготвени да одговорат најбрзо што е потребно.
Шефот на Пентагон изјави дека одлуката е донесена по разговорот со американскиот претседател Џозеф Бајден. Тој не кажа колку нови американски војници ќе бидат распоредени.