More

    Ако станат задолжителни, фотоволтаиците ќе бидат неисплатливи

    spot_img

    Речиси и да нема фотоволтаична централа во земјава која веќе поставила батериски систем за чување на произведената енергија иако владата е при крај со подготовката на правилниците, уредбите и подзаконските акти со кои ќе се регулира ова прашање. Од компаниите кои нудат батериски системи велат дека засега има само интерес за можностите и за цената на системите, но никој не купува.

    Инвеститорите во фотоволтаични централи велат дека и покрај тоа што ќе имаат корист од вградувањето на батериски системи за чување на произведената енергија, дополнителната инвестиција во нив е превисока бидејќи инвестицијата се зголемува дури и до 70%.

    Вчера министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека сите правилници, уредби и подзаконски акти кои го регулираат прашањето на складирање на електрична енергија се подготвени и наскоро треба да одат на владина седница, но тој не кажа дали овие системи ќе бидат задолжителни за сите инвеститори во фотоволтаични централи.

    Тој, меѓутоа рече дека тоа ќе биде дополнителна можност и тие што се производители и потрошувачи во одредени моменти да можат да ги имаат таквите батерии со цел вишокот на производство на електрична енергија да можат да го продаваат, а тоа да влијае врз нивните приходи.

    Според она што е познато досега, најголемиот дел од фотоволтаичните централи имаат вграден мрежен инвертер систем на кој не можат да се приклучат батериските системи. За поставување на овој систем потребно е секоја фотонапонска централа да има вградено хибриден инвертер.

    – Овој проблем се решава со вградување на дополнителни елементи, но и за тоа ќе треба да се издвојат дополнителни пари што ја прават инвестицијата поскапа – вели електроинженер кој го консултиравме.

    Според него, најпогодни батериски системи за големите фотоволтаични централи се литиумските кои се и најскапи.

    Пресметките за вградување на батериски систем на фотоволтаичните централи велат дека инвеститорите ќе треба да вложат дополнители 60 до 70% од базичната инвестиција. Односно ако за поставување на фотоволтаичната централа потрошиле 400.000 до 500.000 евра ќе треба да вложат дополнително уште 300.000 евра за вградување на батерискиот систем или за секој киловатчас ќе треба да вложат уште 300 до 700 евра по киловатчас зависно од производителот на системите.

    – Тоа ја зголемува инвестицијата, но ефектите од батериските системи се поволни за инвеститорот кој продава струја на берза или ја користи електричната енергија за сопствени потреби. Со вградување на батериските системи може да се чува струјата во часовите кога таа е на берзата минимална во одделни периоди на денот кога производството е големо, за да се понуди кога цената е повисока. На овој начин се анулира негативното салдо од производството на електрична енергија. Компаниите, пак, кои ја користат енергијата во производство ќе можат исто така да ја сочуваат за да ја користат во денови кога нема да имаат можност да ја произведуваат – вели тој.

    Дополнително, вели тој, цената на батериските системи е далеку пониска од порано и има тренд да се намалува, што исто така е во прилог на инвеститорите.

    Произведената електрична енергија во овие батериски системи може да се чува 1,2, 5 часа или денови зависно од потребите на централата, но според производителите на овие системи секој трет ден треба да се празнат и повторно да се полнат.

    Дел од компаниите кои изградија фотоволтаични централи на покривите на производните капацитети велат дека, доколку биде задолжително инсталирањето батериски системи за сите инвестиции, ќе треба можеби и да ги исклучуваат системите за да не бидат во загуба бидејќи една ваква инвестиција за нив би била големо оптоварување.

    – Да почекаме да видиме дали инсталирањето на батериските системи ќе биде задолжително или ќе биде оставено на секој инвеститор сам да одлучи дали ќе инвестира дополнително во овие системи. Но, ако биде задолжително секоја компанија која се надеваше дека ќе ги намали трошоците за струја со сопствено производство ќе се пресмета дали ќе има ефект од тоа и ќе одлучи како ќе се однесува. Доколку оваа инвестиција се покаже дека е висока, а ефектите мали нема логика да се инвестира во батериски систем. Подобро е тие пари да ги вложиме во машини или други средства, а владата потоа нека пресметува дали изгубила евтина струја или не, но како што реков, да почекаме да ги видиме тие документи – вели Ангел Димитров од конфекцијата „Мода“ од Свети Николе, која инвестираше во две фотоволтаични централи на сопствени обејкти за сопствени потреби и за продажба на вишокот.

    Експерти велат дека, доколку владата одлучи батериските системи да бидат задолжителна обврска за сите кои инвестирале во фотоволтаични централи, тоа ќе биде контрапродуктивно во однос на идејата да се стимулира инвестирањето во објекти за производство на електрична енергија.

    – Не е фер што вакви одлуки се носат откако инвестициите се завршени. Доколку имаат обврска да ги вградат тие системи, инвеститорите ќе имаат дополнителни не мали трошоци. Не е лошо производството на оваа енергија да оди директно во мрежата, а по избор инвеститорите да вложуваат, ако сакаат во батериски системи – вели професор Ристо Цицонков.

    Според него, оваа владина одлука може да влијае негативно врз натамошниот тек на инвестициите во енергетскиот сектор.

    – Ние сè уште сме увозно зависни во овој сектор и секоја пречка која ја става владата за инвеститорите е негативна во тој однос. Но, ако сака владата да воведе ваква обврска за тие што ги завршиле инвестициите ќе треба и да субвенционира воведување на вакви батериски системи – вели тој.

    Складирањето на вишокот произведена електрична струја се наметнува како потреба затоа што енергетската мрежа не може да ги прими овие вишоци, особено кога потрошувачката е мала, така што постои опасност од нејзино преоптоварување.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img