Претседателот на Француската фудбалска федерација (ФФФ) Филип Диало изјави дека Карим Бензема е „еден од најголемите француски играчи досега“, додека поранешниот репрезентативец на таа земја е обвинет од министерот за внатрешни работи за „врски со Муслиманското братство“. .
„Што се однесува до Карим Бензема, искрено кажано, не сакам да навлегувам во таа полемика. Карим Бензема е еден од најголемите француски фудбалери, со огромно искуство, кој ја освои Златната топка. И останувам на тоа“, изјави Диало.
Првиот човек на француската федерација на прес-конференција во Париз беше прашан за коментарите на министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин, кој го обвини Бензема за врски со исламистичкото движење „Муслиманско братство“, кое потекнува од Египет.
Обвинувањето на министерот дојде откако Бензема на социјалните мрежи ја коментираше војната меѓу Израел и Палестина.
„Сите наши молитви се со луѓето од Газа кои повторно се жртви на овие неправедни бомбардирања кои не штедат ниту жени ниту деца“, напиша Бензема.
Поединци, исто така, го критикуваа Бензема дека не изразил сочувство за израелските жртви на злосторствата извршени од Хамас на 7 октомври.
Од овие обвинувања преку својот адвокат се бранеше играчот кој од оваа сезона настапува за Саудиски Ал Итихад.
„Молитвата на 15 октомври за цивилното население под бомби кои не штедат ниту жени ниту деца не е ниту пропаганда на Хамас, ниту соучесништво во тероризам, ниту чин на каква било соработка“, рече адвокатот.
Запрашан за ставовите на фудбалерите за конфликтот меѓу Хамас и Израел, претседателот на Француската фудбалска федерација рече дека „фудбалерите се граѓани како и сите други“ и дека „природно е да се изразуваат за одредени прашања“.
„На теренот, во фудбалот, нашиот пристап е да се собереме и обединиме. Кога ќе го напуштиме теренот, секој може да го каже своето мислење“, рече Диало.