Поради внатрешни несогласувања во владината коалиција, по само половина месец на функција, министерот за здравство Фатмир Меџити ја разреши директорката на кумановската болница Биљана Ивановска и како вршител на должност го постави Фати Џемаили, негов сопартиец од Алијанса на Албанците, тврди пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски во објава на социјалната мрежа Фејсбук.
Кумановскиот пратеник тврди дека Меџити ова го направил во знак на одмазда кон министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, затоа што наводно тој сè уште не поставувал началници од редовите на Алијанса за Албанците.
На крајот Петрушевски констатира дека сите три здравствени институции во Куманово сега ги водат кадри од ДУИ и Алијанса, а ниту една здравствена институција не раководи СДСМ.
„Министерот за здравство Фатмир Меџити, кој инаку доаѓа од партијата Алијанса за Албанците, при денешната посета на Куманово одбил да одговори на новинарско прашање зошто по само неполн месец е разрешена Биљана Ивановска од директорка на Општа Болница Куманово.
Да им помогнам на новинарите, причината е внатре-коалициските несогласувања помеѓу владините партнери, поконкретно, доцнењето на Спасовски со поставување на началници по СВР-ата во западна Македонија од редовите на Алијанса за Албанците, согласно нивниот коалициски договор. Знам дека ќе го негираат ова и ќе се вадат на нестручно работење, но така пак само ќе потврдат дека СДС става несоодветни лица на раководни позиции.
Денес благодарение на „коалицискиот капацитет” на СДС, во Куманово и целиот североисточен регион НЕМА уролог, но во трите здравствени институции има: Директор на општа Болница Куманово – Фати Џемаили од АА, директор на Здравствен дом Куманово – Фарук Алили од ДУИ
и директор на Центар за јавно здравје – Ариф Љатифи од ДУИ. Затоа, јавно го поставувам прашањето – постои ли СДС во Куманово“ – пишува пратеникот Петрушевски.