Воена копнена офанзива на Израелските одбранбени сили (ИДФ) во Појасот Газа би траела со години и би вклучила ужасни борби, изјави за Политико, Дејвид Петреус, пензиониран генерал на американската армија кој служел во Ирак и Авганистан и поранешен шеф на ЦИА.
Говорејќи по бруталните напади на милитантите на Хамас врз Израел и одговорот од другата страна, поранешниот директор на ЦИА предупреди дека континуираната кампања за копнена инвазија на ИДФ многу брзо може да стане „Могадишу на стероиди“.
Наведувајќи го инцидентот од 1993 година во кој беа соборени три американски хеликоптери Black Hawk во сомалиската престолнина, предизвикувајќи крвави урбани борби во кои загинаа 18 американски војници, Петреус рече дека ИДФ ќе се соочи со слична ситуација на територијата на непријателот доколку изврши копнена инвазија.
– Ако Хамас е креативен во одбраната како што беше во тој ужасен, варварски напад, тогаш ќе видите бомбаши самоубијци, ќе видите импровизирани експлозивни направи, ќе има заседи, мини и урбаната средина ќе биде предизвик за војската – предупреди поранешниот шеф на ЦИА.
Петреус рече дека неговото искуство во водење на војската за време на бруталните контрабунтовнички кампањи треба да послужи како предупредување за ИДФ ако продолжи со копнена инвазија.
– Тешко ми е да замислам потешка опкружување од ова сега, а јас сум командувал со силите во голем број големи урбани операции – рече Петреус.
Пензионираниот американски генерал предупреди и дека ваквите конфликти не завршуваат за ден или два туку, траат со децении.
– Не можете да победите во контрабунтовничките операции за една или две години. Тие обично траат една деценија или повеќе, како што видовме во Ирак и во Авганистан – вели поранешниот шеф на ЦИА.