Претседателот на палестинската управа Махмуд Абас одбил да разговара по телефон со американскиот претседател Џозеф Бајден за време на посетата на американскиот претседател на Израел во средата, објави утринава израелската телевизија Кан.
Цитирајќи неименуван палестински извор во Рамала, на Западниот Брег, каде што е седиштето на палестинската управа, ТВ Кан наведе дека администрацијата на Бајден се обидела да организира телефонски разговор меѓу двајцата лидери, но дека Абас го одбил барањето.
Според медиумските извештаи, Абас бил лут на Бајден поради американската поддршка за Израел во војната против палестинската милитантна група Хамас и исто така го откажал и состанок со Бајден и со арапските лидери на неодамнешниот самит во Јордан.
Во меѓувреме, Бајден соопшти дека обезбедил договор за испраќање помош во Газа. Американскиот претседател на Твитер објави дека по разговорите со лидерите на Израел и на Египет, првата пратка хуманитарна помош на Обединетите нации наскоро ќе биде на пат кон палестинската енклава. Претходно оваа недела, САД објавија дека ќе испратат 100 милиони долари хуманитарна помош за Газа и Западниот Брег.