More

    Иранска активистка за правата на жените, Џина Махса Амини, која беше убиена во септември минатата година, и движењето „Жена, живот, слобода“ од Иран се добитници на Наградата за слобода на мислата „Сахаров“ за 2023 година, што ја доделува Европскиот парламент

    spot_img

    Иранска активистка за правата на жените, Џина Махса Амини, која беше убиена во септември минатата година, и движењето „Жена, живот, слобода“ од Иран се добитници на Наградата за слобода на мислата „Сахаров“ за 2023 година, што ја доделува Европскиот парламент, јави дописникот на МИА од Брисел.

    Како што соопшти претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола, на денешното објавување на лауреатите, 16 септември 2022 година ќе остане запаметен по убиството на 22-годишна Џина Махса Амини, што претставуваше поттик за движењето на правата жените во Иран, кое испиша историја.

    – Светот ги слушна повиците „жена, живот и слобода“, три збора кои станаа поттик за сите оние кои се залагаат за еднаквост, достоинство и слобода во Иран. Затоа, денеска да им оддадеме почит на храбрите и пркосни жени, мажи и млади луѓе во Иран, кои го зголемија притисокот за промени – истакна Мецола, додавајќи дека Европскиот парламент ги слушна, а светот ги виде овие барања.

    Иранската активистка за женски права Амини беше уапсена и претепана од припадници на т.н. „морална полиција“ при нејзината посета на Техеран во септември 2022 година, затоа што „го носела хиџабот на неправилен начин“. Таа почина неколку дена подоцна, што предизвика масовни протести во Иран предводени од жени под слоганот „Жена, живот, слобода“. Демонстрантите протестираа против Законот за хиџаб и другите законски акти со кои се дискриминираат жените во Иран.

    Покрај, овогодишните добитници, во конкуренција за освојување на наградата беа и борците за човекови права Вилма Нуњез де Ескорсија и бискупот Роландо Хозе Алварез Лагос од Никарагва, како и застапничките за легализација на абортусот Јустина Видрињска од Полска, Морена Херера од Салвадор и Колин Мекниколас од САД.

    Одлуката за овогодишните добитници на наградата ја донесе Конференцијата на претседатели на Парламентот, што ја сочинуваат Мецола и лидерите на пратеничките групи во ЕП. Тие избираа меѓу финалистите избрани од страна на комисиите за надворешни работи и за развој, врз основа на предложената листа на номинирани кандидати. Право на номинирање на кандидати за наградата „Сахаров“ имаат пратеничките групи во Европарламентот или најмалку 40 европратеници.

    Наградата за слобода на мислата „Сахаров“ ја доделува Европскиот парламент секоја година од 1988-та на поединци или организации кои ги штитат човековите права и основните слободи. Таа е именувана по советскиот физичар и политички дисидент Андреј Сахаров и нејзиниот паричен надомест изнесува 50.000 евра.

    Инаку, покрај избраните финалисти за овогодишната награда „Сахаров“ беа номинирани и технолошкиот магнат и сопственик на „СпејсИкс“, „Тесла“ и „Х Корп“ (поранешен „Твитер“), Илон Маск, еколошката активистка од Уганда, Ванеса Накате и поранешната грузиска јавна правобранителка Нино Ломжарија.

    Минатата година наградата „Сахаров“ му беше доделена на украинскиот народ, а меѓу досегашните нејзини лауреати се и Нелсон Мандела, Малала Јусафзаи, Кофи Анан, Александар Дупчек, Алексеј Навални, Ибрахим Ругова, Обединетите нации, организацијата Репортери без граници и демократските опозиции во Белорусија и Венецуела.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img