Иако очите на светската јавност во последните недели главно беа насочени кон настаните на Блискиот Исток, војната во Украина продолжува и понатаму. Украинските региони објавија дека за прв пат во напад користеле ракети со долг дострел од типот ATACMS, кои на Украина и ги доставиле Соединетите Американски Држави. Се уште не е познато кога и каде ги користела украинската армија. Во денешната реакција рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, новата американска воена помош за Киев ја нарече тешка грешка.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот објави дека Украина за првпат употребила американска ракета со долг дострел ATACMS во војната со Русија. Во официјалното соопштение, испораката на овие ракети првпат беше потврдена и во Белата куќа.
Во својот вечерен говор, Зеленски објасни дека ракетите се покажале како многу точни, притоа не прецизирајќи го времето или местото каде што биле употребени, наведува француската агенција АФП. Според некои шпекулации, украинската армија во вторникот вечерта со овие ракети нападнала воздушни бази на окупираните територии на источна Украина.
Во Белата куќа изразија уверување дека ракетите од овој тип значително ќе ги зајакнат украинските сили. Како што изјави портпаролката на американскиот Совет за национална безбедност, ракетите што САД „неодамна“ ги испратија во Украина имаат дострел до 165 километри.
Зеленски во својот говор директно му се заблагодари и на Вашингтон за ракетите, велејќи дека договорот со американскиот претседател Џо Бајден се спроведува.Рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, во согласност со претходните руски одговори на западната воена помош за Украина, ја осуди одлуката на Вашингтон за испорака на ракети со долг дострел. Последиците од оваа акција, која намерно беше сокриена од јавноста, ќе бидат многу сериозни“, напиша тој во соопштението.
Украинската армија во вторникот соопшти дека синоќа го нападнала аеродромот на истокот на земјата, кој е под контрола на Русија. Во операцијата, која беше означена како успешна во Киев, украинските сили, според нивните сопствени изјави, уништиле неколку руски хеликоптери во Бердјанск и Луганск.
Прорускиот гувернер на делумно окупираниот регион Запорожје, Владимир Рогов, како и некои влијателни руски воени блогери, тврдат дека на местото на нападот во Бердјанск пронашле остатоци од проектил ATACMS.