Во домот за стари лица „Талхојден“ во Шведска, на околу 30 километри од Стокхолм, штитениците чекаат автобус што никогаш не доаѓа…
Имено, вработените во установата поставиле лажна автобуска постојка во ходникот којашто им „го опушта“ умот на вознемирените пациенти со деменција кога ќе посакаат да си заминат дома. На спротивниот ѕид е залепен и измислен распоред на автобуси. Слични катчиња има во повеќе домови за стари и за бездомници ширум Европа. Керолин Волберг, која раководи со старечкиот дом, вели дека немирот кај луѓето со деменција е вообичаена појава.
„Во одредена фаза на Алцхајмеровата болест или деменцијата, пациентите ги фаќа вознемиреност и сакаат да си одат дома. Некои имаат дури и спакувани торби додека „чекаат“ на клупата, изјавила таа.
Лажната постојка е поставена пред четири години и, според негувателката, „всушност“ им помага на пациентите додека да заборават на својот привремен немир.
„Имавме една госпоѓа која живееше овде и доаѓаше кај мене неколкупати на ден барајќи „нејзините родители да дојдат и да ја земат“… Па ќе седневме на клупата и – чекавме. Потоа почнувавме да разговараме и таа стануваше помирна, посреќна. Потоа можевме да одиме да јадеме или да гледаме телевизија“, раскажува Волберг.
Во домот денес живеат 17 стари лица, а мерката е дел од третманот на пациентите.
„Тоа е како терапија. Седиме овде и разговараме, (па) тие забораваат дека сакале да си одат. Тоа помага многу“, вели Луиз Бас, медицинска сестра која 13 години работи во домот.
Но, дали е морално прифатливо вака да се лажат ранливите пациенти? Напис објавен во израелскиот Журнал за истражување на здравствената политика го разгледува прашањето за лажните постојки.
Показателите говорат дека иако целта е да се намали бројот на пациенти со деменција кои се обидуваат да избегаат од домовите, лажните постојки исто така може да го зголемат чувството на фрустрација кај луѓето дека се измамени.